Scholarships/mk
Стипендиски програм - Викиманија 2011
Овогодишната Викиманија 2011 се одржува од 4 до 7 август 2011 во градот Хаифа во Израел. Со цел да им ги олесни трошоците на извесен број учесници, Фондацијата Викимедија доделува ограничен број на стипендии.
За Викиманија 2011 се доделуваат полни и делумни стипендии :
- Полната стипендија ги покрива трошоците за повратна карта, сместување во студентски дом и регистрација
- Делумната стипендија покрива до $300 од патните трошоци
Цели на програмот
- Викиманија 2011 да биде успешна и делотворна меѓународна конференција
- Да им се даде поддршка на проектите на Викимедија поттикнувајќи го учеството
- Да се збогати конференцијата со присуство на најразлични учесници во движењето на Викимедија
Пријавување за стипендија
За да се пријавите за „стипендија“ со која би се помогнало при покривање на трошоците за посетување на Викиманија 2011 во Хаифа, Израел, пополнете и поднесете го овој образец.
Подобност (кој може да се пријави за стипендија): Секој активен учесник во проект на Викимедија и/или нејзин доброволец во некое друго својство, од било кое место во светот. Можат да се пријават и учесници од секоја друга иницијатива за слободно знаење, слободен софтвер, соработка и/или образование.
Избирање: Пријавниците ги разгледува Комитетот за разгледување на стипендии. Критериумите за доделување на стипендии ги одредува споменатиот комитет, во согласност со целите и приоритетите на Викиманија и Викимедија. Поподробно за критериумите и постапката во делот „Избор на кандидати“.
Последен рок за пријавување: Последниот рок за пријавување за стипендиите е 31 јануари 2011 во 23:59:59 UTC. Пријавниците поднесени по истекот на рокот не се прифаќаат.
Повеќе информации за Стипендискиот програм за Викиманија 2011 ќе најдете на страницата Прашања и одговори.
Избор на кандидати
Постапка
Комитетот за разгледување на стипендии ги оценува кандидатите врз основа на утврдени стандардизирани критериуми. Предвидениот тек на програмот е следниов:
- 1-31 јануари 2011 – период за пријавување
- јануари-март 2011 – комитетот ги разгледува кандидатите и ги оценува врз основа на општите и посебните критериуми
- крај на март-почеток на април 2011 – известување на кандидатите за донесените одлуки
Посебни критериуми: При оценувањето посебно се земаат предвид недоволно застапените 1) кандидати од Глобалниот Југ, согласно Приоритетите на движењето опишани во Стратешкиот план, особено Индија, Бразил и Блискиот Исток/Северна Африка; и 2) кандидати од женски пол (недоволно застапени во уредништвото).
Критериуми за 2011 г.
Кандидатите се оценуваат според три аспекти:
А) Тековен/досегашен степен на учество во Викимедија (50% од вкуп. бодови),
Б) Тековен/досегашен степен на учество во други иницијативи за слободно знаење, слободен софтвер, соработка и/или образование (15% од вкуп. бодови), and
В) Планови за учество во движењето на Викимедија (35% од вкуп. бодови)
Активност во Викимедија (50%)
Кандидатите активни во Викимедија се високоангажирани учесници во проектите на Викимедија: уредници, викимедијанци и членови на заедницата од кои Викиманија би извлекла полза заради нивното искуство, знаење и посветеност во активности на и/или вон интернет, како на пр. ангажмани околу огранокот, средби и тн.
- 4 = Највисок степен на учество – постојана ангажираност и големо влијание во два или повеќе проекти, огранок или иницијатива на Викимедија (или „највисок степен“ по наоѓање на комитетот)
- 3 = Висок степен на учество - постојана ангажираност и големо влијание во еден или повеќе проекти, огранок или иницијатива на Викимедија (или „висок степен“ по наоѓање на комитетот)
- 2 = Среден степен на учество - постојана ангажираност и просечно влијание во два или повеќе проекти, огранок или иницијатива на Викимедија (или „среден степен“ по наоѓање на комитетот)
- 1 = Низок степен на учество – релативно нова сметка, со малку уредувања и мала ангажираност во било кој проект или иницијатива на Викимедија.
- 0 = Не учествува – сосем нова сметка без или речиси без уредувања, и без ангажираност во било кој проект или иницијатива на Викимедија.
Активност вон Викимедија (15%)
Активност вон Викимедија е мерка за релевантните активности на кандидатот вон движењето на Викимедија. Ова може да подразбере иновативност или учество во други аспекти на движењето за слободна култура/отворен код. Ваквите кандидати имаат потенцијал да бидат полезни за Викимедија, можат да го подобрат и надоградат овој потенцијал со Викиманија, и можат да ги рашират сознанијата стекнати на Викиманија во нивните матични заедници.
- 4 = Висок степен на учество - ангажираност во друга иницијатива за слободно знаење, слободен софтвер, соработка и/или образование со многу висок потенцијал да биде полезен за Викимедија.
- 3 = Среден до висок степен на учество - ангажираност во друга иницијатива за слободно знаење, слободен софтвер, соработка и/или образование со висок потенцијал да биде полезен за Викимедија.
- 2 = Среден степен на учество - ангажираност во друга иницијатива за слободно знаење, слободен софтвер, соработка и/или образование со извесен потенцијал да биде полезен за Викимедија.
- 1 = Низок степен на учество - ангажираност во друга иницијатива за слободно знаење, слободен софтвер, соработка и/или образование со мал потенцијал да биде полезен за Викимедија.
- 0 = Не учествува - без ангажираност во други иницијативи за слободно знаење, слободен софтвер, соработка и/или образование.
Планови за учество во движењето на Викимедија (35%)
Од кандидатите се бара да имаат конкретни планови за тоа како нивното присуство на Викиманија ќе влијае врз нивната идна ангажираност во движењето на Викимедија.
- 4 = Многу голема желба за учество во напредокот на движењето на Викимедија; конкретни и утврдени идеи за тоа како неговите особени способности, стилови и интереси можат да се вклопат и да го подобрат движењето на Викимедија
- 3 = Голема желба за учество во напредокот на движењето на Викимедија; неколку помалку осмислени идеи за тоа како неговите особени способности, стилови и интереси можат да се вклопат и да го подобрат движењето на Викимедија
- 2 = Извесна желба за учество во напредокот на движењето на Викимедија; неутврдени и недоосмислени идеи за тоа како неговите особени способности, стилови и интереси можат да се вклопат и да го подобрат движењето на Викимедија
- 1 = Мала или нејасна желба за учество во напредокот на движењето на Викимедија; нејасни и неосмислени идеи за тоа како неговите особени способности, стилови и интереси можат да се вклопат и да го подобрат движењето на Викимедија
- 0 = Нема намера во иднина да учествува во Викимедија